Дали самите доволно се познавате?


Често се случува да не сте задоволни од својот живот, од самите себе и од луѓето околу вас. Се  обидувате да бидете некој друг, ги следите општествените трендови и постојано се преправате. Со тоа, ја лажете околината и се преставувате за нешто што не сте. Но, притоа се лажете и самите себе и не се прифаќате такви какви што сте - единствени, неповторливи, незаменливи.

За почеток размислете кој сте вие? Кажете си јас сум... и набројте ги сите ваши улоги кои ги имате и сите особини кои ве опишуваат. Размислете што од тоа доаѓа од вас, што е ваше мислење за вас самите и улогата која сами сте си ја избрале, а што од тоа доаѓа од околината, мислењето на другите, животните околности. Дали си се замисливте? Сега кога знаете кој сте и што од сето тоа самите сте си избрале и кај себе сте си забележале, одредете што ви е најважно. Која ви е прва, а која втора најважна работа и така по ред. Знаејќи кој сте и кои ви се приоритетите, имате оружје кое ќе ви помогне да ја одржувате свеста за себе и својата различност од другите луѓе. Да ја одржувате вашата посебност и единственост. Тука имате простор за да откриете што би сакале да бидете и така да се развивате и да напредувате.

Битно е само да знаете, дали таа желба за промена произлегува од вас, или околината ви ја наметнува. Да се смените можете само вие, само ако тоа навистина го сакате. Друг ја нема таа моќ наместо вас, тоа да го направи. Не обидувајте се да бидете како некој друг, да бидете нешто со што ќе ги задоволите критериумите на средината или на некои поединци.

Ако пак сакате да се смените заради некоја ваша драга личност за повеќе да и се допаднете, за да станете поблиски, забележете дали таа промена доаѓа одвнатре, дали е искрена. Ако е така, тогаш таа промена ја правите за себе, за и вие  да бидете среќни самите со себе. Но,ако таа е провидна и манипулативна, било од која страна и да е, тогаш вистината брзо ќе излезе на виделина и ќе дојде до прекин на односот. Да се грижите за себе значи да бидете свесни за себе и своите приоритети, за да низ нив  знаете кои се вашите потреби.

Грижете се за тоа какви пријатели имате, каков партнер сте избрале, или го барате, какво ви е друштвото. Какви ви се односите со колегите на работа? На вас е да се грижите за тоа какво влијание врз вас, го има вашата околина. Секогаш имате можност за избирање. Ги бирате и вашите емотивни реагирања. И никогаш не треба ни да заборавите, ни да престанете да бидете свои и да се грижите за себе.