Како да му помогнете на вашиот адолесцент?

Многу адолесценти создаваат негативна слика за сопственото тело или за некои аспекти на својот изглед што доведува до состојба на несигурност во контактите со другите луѓе. Вие како родители, може многу да му помогнете што помалку болно да мине низ овој нормален развоен процес. Прво треба да престанете да му префрлате како се занимава со нешто што е толку површно и неважно.  Кон него не покажувајте лутина, не го исмејувајте, критикувате, опоменувате, а уште помаклу да  го казнувате. Вашиот адолесцент е пречуствителен, неговите чувства и ставови спрема сопствениот изглед се прекритични, што се заедно влијае во развојот на негативната слика за соптвеното тело. Ова дополнително може да доведе до развој на севкупната негативна слика за самиот себе. 

Секако, вие како родители  сакате вашето дете да развие позитивна слика за сопственото тело. Еве како да му помогнете: 


1. Прифатете и разберете

Треба да прифатете дека заинтересираноста и загриженоста за сопствениот изглед, се нормални реакции. Одбегнете ова да ве фрустрира и заради тоа да почнете да го критикувате.
 

2. Давајте му комплименти поврзани за изгледот 

На вашето дете му е важно да слушне и да почувствува позитивни работи врзани за неговиот изглед. Иако изгледа како детето од таа возраст ништо не забележува или дека за тоа  воопшто не му е грижа, едноставните изјави како на пример:„убаво ти стои таа маица“ и слично,навистина му се важни. И други комплименти кои се однесуваат на неговата сила, брзина, енергија...Прифаќањето и пофалувањео на физичките квалитети и способности помага во градењето на здрава слика за себе.


3. Давајте му комплименти поврзани за внатрешните квалитети

Вашето дете сака да слушне гласно изговорени лични квалитети кои вие како родители кај него ги сакате и почитувате (на пример, како е голем гест за вашиот син кога нешто со сетра му споделил...). На детето му е потребно да го разубедете кога ќе почне да ја изразува својата несигурност. 


4. Водете разговор околу тоа што изгледот значи

Потребно е да го насочите да малку подлабоко размислува за тоа што изгледот значи и како луѓето различно се претставуваат  и „носат“. Поразговарајте и околу тоа како различните стилови испраќаат различни пораки.


5. Поставете разумни граници

Важно е како родители да покажете трпеливост, но исто така да поставите и граници колку време детето може да мине во испробувањето на облека, шминка и воопшто посветеност на изгледот. Низ поставените граници детето се обидувате да го научите дека не е добро заради неговото „разубавување“ да страдаат останатите животни обврски (домот, училиштето, активности..). Границите на детето му помагаат во организација на времето, обрнување внимание и посветеност на потребите на другите луѓе, во вежбањето на самодисциплина и друго.


6. Станете му добар модел за учење 

Личниот пример кој на дето му го давате е од огромна важност. Внимавајте како вие го доживувате и што говорите за своето тело и изглед. Постојаната загриженост и критикувањето себе и својот изглед, го учат детето на сличен начин, односно на критичен начин себеси да се гледа и доживува.

Доколку сето ова не ви помогне, би било добро да побарате стручна психолошка помош.