Замолчете го внатрешниот критичар – разбудете го внатрешното дете!

Центарот за едукација, советување и личен рзвој Imago-Self, организира дводневна едукативна работилница, на која тема ќе бидат внатрешниот критичар и внатрешното дете. Работилницата ќе ја води м-р Милка Ололоска, психолог-психотерапевт.

Едукативната работилница е целина, со тоа што е замислено темата внатрешен критичар да биде обработена во среда - 30.03.2016 год., а темата внатрешно дете, во четврток - 31.03.2016 год.

Решивте сериозно да работите самите на себе. Решивте подобро да се осознаете и да го откриете сопствениот внатрешен свет. Но, од каде да се започне?  Од сликата која пред вас се појавува. Слика на вашиот внатрешен критичар и вашето внатрешното дете. Кој е тој - критичарот? Тоа е оној, на кого му ја дадовте вашата животна диригенска палка. Кое е тоа -  внатрешно дете? Тоа е она дете, кое е свиткано под товарот на емотивниот куфер  кој со себе го носи. Тој куфер е преполн со неизразени и потиснати чувства.

Што им е заедничко? Вие. И едниот и другиот постојат во вас. Се обидуваат да ви ја раскажат сопствената приказна. Ако досега не сте ги слушнале, сега е вистинскиот момент  за  вашиот контакт со нив двајца. Ние, низ нашата едукативна работилница ќе ве поведеме на поединечно, но и заедничко патување до центарот наречен внатрешен критичар и внатрешно дете.
 
 

ВНАТРЕШЕН КРИТИЧАР

 
Постојано се самокритикувате. Си лепите навредливи самоетикети. Слушате како внатрешниот критички глас ве навредува, понижува, обесхрабрува, блокира и прогнозира неуспех. Било да е гласен, неподнослив, необјективен или непријателски, постојано ви говори дека сте лоши, грди, дебели, неинтелегентни, со слаб карактер, неодговорни, смешни, неуспешни, невредни, несакани. Дека сте тотални губитници, осудени на професионален и приватен  неуспех.
 
Внатрешниот критичар е вистински „глумец“. Може да игра улога на жртва, на хроничен песимист, на бунтовник, контролор, тиранин, надреден, песимист. Заборавете на  деструктивната самокритика и грозните самоетикети. Престанете да се самоомаловажувате, понижувате и да не си верувате. Дојдете на едукативната работилница за да научите како внатрешниот критичар да го препознаете. Да го препознаете неговиот глас и ситуациите кои го активираат. Да научите како со него да комуницирате и како да го натерате да започне за вас да работи, а не против вас.
 
 

ВНАТРЕШНО ДЕТЕ

 
Кои се децата во вас? Тоа се гласовите внатре во вас, кои ги носат чувствата кои како дете не сте можеле да ги изразите. Го носат твојот страв, тага, срам, лутина, гнев, очајност. Но и радост, среќа, верба, уживање, игра, возбуда. Детето копнее по вашето внимание. Сега, кога станавте возрасен и се чувствувате повредено, разочарано, жално, осамено, изолирано, со проблеми во врските, неодговорно, налутено, со чувство дека сте жртва,  се прашувате, од каде се овие силни и пред сè негативни чувства кои ве нападнале, окупирале? Тоа се чувства кои во себе ги носите од детството и се јавуваат во ситуации, кои барем по нешто ќе ве потсетат на минатото.
 
Старите чувства оживеале и ве враќаат во времето на старите повреди. Ве држат заробени во вашето минато. Што се случи со вас  во годините наназад? Станавте возрасни и малку по малку, заборавивте на вашето внатрешното дете, кое години наназад го чека моментот кога вие двајца повторно ќе се сретнете.
 
Можеби, некогаш ве повлекло за ракав за да го видите, но не сте го забележале. И детето научило дека не е безбедно да чувствуваш, зошто ќе бидеш повреден. И затоа се сокрило. Време е да го пронајдете и со него да воспоставите дијалог. Ние во тоа ќе ви помогнеме.
 
Дојдете на едукативната работилница, за низ бројни вежби да научите, како да му помогнете да ги излекува старите рани од минатото. Вие ќе научите, како да ги препознаете и како да работите со оние делови во вас, кои го претставуваат вашето внатрешно дете - она кое во минатото е заглавено. Сега е вистински момент за да видите што го плаши, зошто е тажно, налутено, рането, отфрлено.
Испратете му љубов, прегратка и молба да ви прости. За да почнете себеси да се сакате, започнете да го негувате детето кое некогаш сте биле. Станете му добар родител. Заштите го и утешите го!

За едукацијата

На едукативната работилница се формира ГРУПА составена од помал број учесници. На работилницата, можете да бидете во улога на слушател, или ако сакате може да заземете и активно учество. Во прашање е личен избор. Едукативната работилница не е групна психотерапија. Не се изнесуваат лични, интимни проблеми. На едукативната работилница теоретски, но пред сè практично се стекнувате со нови сознанија во однос на конкретната тема што е поставена.
 
Цена за дводневната работилница: 1.600 ден.

Место на одржување: ул.Смилевска бр.12б - Скопје - Ѓорче Петров.

Време на одржување:  30 и 31. 03. 2016 год. од 18:30 до 20:30 час. 

Контакт телефони: 070/ 585-033 и 078/335-957. 
 

Наши едукации