Детето и неговото наметливо однесување


Сите форми на наметливо однесување на детето имаат заедничка цел: на себе да се привлече вниманието од околината, да се забавуваат оние кои се околу себе, да се истакне по секоја цена, да се биде запазено од другите, да се биде над просекот, да биде особено интересно, вистинска сензација, предмет на туѓо восхитување, па и завист. Најблаги форми на наметливо однесување се: влегувањето во збор  на возрасните со детски примедби, прашања и барања.

Почесто се забележува кај деца кои се единци, кои се чувствуваат осамено, имаат чувство дека родителите недоволно се интересираат за нив, или за нив немаат време. Потоа, наметливост е и кога детето систематски се наметнува со своето претерано говорење и тоа пред непознати лица. Најчесто станува збор за размазено дете, кое затоа што има мала сигурност во себе, се труди со претераното говорење, независно каде се наоѓа да си ја обезбеди својата привилегирана позиција. Уште една форма на наметливо однесување е изведување  на различни церемонии, претстави  и тоа кога јаде, се облекува, врши нужда, поспано е, се жали на божемни болки во стомакот, главата, изведува, прави  различни гримаси и сл.

Децата во пред пубертет својата наметливост ја изразуваат со фалби во кои постојано себе се истакнуваат, ја нагласуваат својата присутност, вредност. Тоа е е знак дека детето, себеси не се почитува и тоа мора постојано преку сопствените зборови да си ја потврдува личната вредност. Неговото однесување е извештачено, наместено, неприродно, пресметано да биде забележено. Тоа, се забележува во гестовите, начинот на изразување, облекување, одење. Наметливоста на детето, понекогаш се забележува и во неговото настојување да биде избрано за водач. Ако тоа нема да му успее, се растажува и го напушта друштвото. Ова е знак дека детето нема доволна сигурност во контактите со себе еднаквите, дека не знае со нив да соработува, па тој свој дефицит на социјалност се обидува да го надомести, така што соработката ја заменува со заповедување.

Уште една форма на наметливо однесување е кога детето пред другите будалесто се однесува и тоа пред сè во друштво на своите врсници. Се однесува како некој кловн, кукла, лакрдиски. За време на наставата прави гримаси, лицето си го обојува, се шкрта со креда и сл. Во прашање се деца на кои им недостасува самодоверба, затоа што се чувствува запоставено, несакано, осамено, саможиво.

Поврзани блог статии