Запознајте ја сопствената ранливост


Во текот на вашето растење сте доживеале помали или поголеми разочарувања. Многу брзо, сте сфатиле дека светот не е рај во кој може да го направите или да го добиете сето она што ќе го посакате и дека разочарувањата, особено оние ненадејните се дел од тој свет.
 
Но, како да се излезе на крај со грубите разочарувања? Со оние, кои кај вас предизвикале состојба на шок, кога едноставно не сте можеле да верувате дека вам нештото ви се случува, кога не сте можеле да се поврзете себеси со состојбата во која сте се нашле, кога едноставно ви се срушил мостот на комуникација помеѓу вас и светот?

Сте се чувствувале како да сте надвор од себе, до степен на апсолутна нечувствителност, па дури кога во прашање била и вашата емотивна болка. И, зошто била потребна нечувствителноста? Само за да би можеле себе си да се заштитите. Еве и друг начин на самозаштита. Да претпоставиме дека во текот на вашето детство многу пати сте биле грубо разочарани. За да се заштитите себеси од доживеаните разочарувања, сте „навлекле“ маска на сила и моќ и така денес функционирате. Но, тоа не помага, затоа што  кога маската ќе падне, ќе здогледаат како под неа се сокрило едно повредено дете (тоа сте вие), кое копнее по емпатија, утеха и разбирање. Колку повеќе во животот сте се чувствувале рането, толку повеќе сте создавале одбрани. Секоја повреда е многу лична, интимна и на свој начин важна. Сите состојби во кои сте биле повредени, а не сте биле во можност емотивно да изреагирате, врз вас оставиле траги. Сега барем дозволете си да ги искажете своите чувства, без разлика какви се тие.

Кога ќе си дадете време и простор да го почувствувате повредениот дел од себе, тогаш вашето заздравување може да започне. На пример, ако во вашето секојдневие се случи нешто, со што ќе  се „разбуди“ некоја ваша стара болка, не ја пропуштајте ваквата можност да ја прифатите сопствената повреденост. Дозволете им на непријатните чувства да постојат. На тој начин, тие повеќе нема да имаат толкава потреба да им посветувате преголемо внимание.

Еден од важните чекори во прифаќањето на сопствените повреди е вербализацијата. Кога својата ранливост, својата болка ќе ја преточите во зборови искажани на терапевт, пријател, или со водење дневник, повредите престануваат да бидат тоа и стануваат дел од вашиот живот.

Поврзани блог статии