Неспособност да се изразат чувствата

Луѓето кои не умеат да ги изразат сопствените чувства, ниту умеат да ги препознаат чувствата на другите од нивното опкружување, страдаат од алекситимија. Тоа, кај нив предизвикува перманентен стрес. Така, во крвотокот на овие луѓе, постојано е присутен  адреналин,  што кај  многумина од нив може да предизвикува појава на  хронични болки, зголемен крвен притисок и други болести предизвикани од стрес. 

Луѓето кои страдаат од емотивно слепило, не ги покажуваат своите чувства во стресни ситуации, туку тоа го прават органски: пред испит добиваат болки во стомакот, или ако некој ги излаже не чувствуваат бес, туку вртоглавица. Кај други, може да дојде до болки во грбот, осип на кожата и недефинирани тегоби во целиот организам. Заради неспособноста да го вербализираат тоа што го чувствуваат, кај овие лица целата внатрешна тензија, која е составен дел на чувствата дирекно се излива во телото и личноста нема контрола врз своите емоции. Ваквото хронично излевање и создавање внатрешна тензија, доведува до пореметување, или трајно оштетување на внатрешните органи.

Многу партнери во взаемниот однос имаат емоции, но не се во состојба тоа да го кажат. Неспособни се да говорат за своите чувства. Тешко им е да ги опишат своите емоции. Имаат многу ограничен емотивен речник. Не е лесно да се живее покрај некого кој чувствува, но не е во состојба тоа да го изрази. Партнерите живеат во убедување дека може лесно и без зборови да препознаат, што на секој од нив му треба, или сака. Ваквото убедување е замка во која влегуваат многу парови. Со текот на времето, доаѓа до сѐ потешко препознавање на вистинското значење на покажаните емоции. Емотивните сигнали почнуваат  погрешно да се препознаваат. На пример, таа сака да му угоди, а тој тоа го толкува како навреда. Тој сака да и го искаже своето воодушевување, а таа тоа го толкува како саркастично омаловажување. Така се трупаат искривените толкувања на емоциите, што многу брзо односот го претворува во недоразбирање, во постојано погрешни потези, во континуирано незадоволство, недостаток на љубов и почитување.

Емоциите не е доволно само да се покажат. Тие треба и да се слушнат. Со искрено искажување на чувството, тоа не ја губи својата длабочина. Погрешното толкување на неискажаните емоции е причина за многу брачни проблеми. Кога ќе научат да говорат за своите чувства, тогаш стануваат способни за нив и да мислат, што пак преставува неопходен предуслов за развивање на контрола и можност за менување на чувствата.

Поврзани блог статии