Бесот настанува како последица на барањата кон некого, нешто или кон себе и тоа барање, кое не се исполнило. Изневерените очекувања создаваат лутина, а кога човекот е бесен, заради хормонот на стрес станува агресивен. Целта на бесот е сочувување на личната вредност, на основните потреби и основните убедувања.
Секоја личност има свој сопствен начин на манифестација на бес, шеми на однесувања научени уште во детството. Некој бесот го пројавува низ кавги со другите, низ викање, или камуфлирано/прикриено однесување, како постојано приговарање, озборување, непријатни и саркастични забелешки, игнорирање или прекинување на комуникацијата без никакви објаснувања. Како и да е кога својот бес многу често или интезивно го пројавувате, ви се случуваат екстремни физички напори. При продолжени или зачестени епизоди на бес, одредени делови на нервниот систем стануваат поактивни, што доведува до зголемување на крвниот притисок и тахикардија (засилено отчукување на срцето), во подолг временски период. Овој телесен стрес може да предизвика бројни здраствени потешкотии како хипертензија, болест на срцето, намалување на ефикасноста на имунолошкиот систем.
Значи, бесот треба да се контролира. Уште една причина повеќе зошто тој треба да се контролира е заради последиците кој тој ги носи и по самата личност и по околината. Емотивните последици на изливите на бес, во некои случаи се и позначајни од било што друго.
Личноста неспособна да ги контролира своите напади на бес, често е вовлечена во еден затворен круг, односно ставена е во еден микс на нездрави емоции. По изливите на бес, таа може да се чувствува потиштено, депресивно, да чувствува срам, вина, или уште поголем бес заради фактот дека ја загубила својата самоконтрола. Дури кога бесот и нема да вклучи физичко, туку само вербално насилство, може да се доживеат скоро сите наведени последици.
Бесот станува проблем кога го чувствувате интезивно, долго, ви се повторува и го покажувате на еден несоодветен начин. Бесот не е наследен, туку е научен и е многу предвидлив, затоа што преставува еден вид на навика. Навиките по дефиниција се повторни и повторни повторувања без размислување.