-
06.12.2021
-
Деца и родители
Ако на детето секогаш кога нешто лошо ќе направи му викате и го тепате, можеби ќе постигнете ефект. Но, тој е моментален и не е траен. Удирањето, шамарењето и ќотекот на детето му кажуваат дека е во ред другите да се тепаат за да се реши некој проблем. Дури, може да го поттикнете, другите да ги казнува на ист начин како што него го казнувале.
Тепањето децата ги учи на страв, на лоша слика за себе, на одмазда и на идеја дека е во ред некој кој го сакаш и да го тепаш. Tоа, не ги учи децата да ги почитуваат правилата, да носат мудри одлуки, нити да имаат внатрешна контрола. Физичката казна за детето е многу стресна и тој стрес може да трае со години. Му ја намалува довербата во родителите и воопшто возрасните луѓе.
Наместо со ќотек, пробајте со некои нови начини, детето да го научите како да се однесува. Покрај строгоста и доследноста, детето мора да ја почувствува вашата љубов, изразена преку почитување на неговата личност. Кога детето нешто недозволено ќе направи и вие за тоа ќе го искарате, тоа не смее да трае повеќе од една минута. И, мора да се примени веднаш по сторениот чин и мора само на него да се однесува. После карањето за направеното, детето треба да биде емотивно охрабрено. За укорот да постигне полн погодок, треба да се почитуваат следниве барања:
1. На детето треба точно да му кажете зошто го карате. Прецизирањето е неопходно, зошто колку детето е помало, полесно заборава што смее, а што не смее да прави, па може и да не сфати зошто го карате. За детето да го научи правилото, важно е него да го повторувате. За детето подобро да ја разбере вашата порака, треба тоа што го направило, прво нему да му го прикажете како нешто лошо, а потоа за другите.
2. Ако детето има 2-3 години, тоа се набљудува од агол на сопствените потреби и му е тешко да ги согледа поледиците од направеното и затоа е потребно и на тоа да му укажете. Детето треба да биде искарано во истиот момент кога прави нешто недозволено, а не тоа да се направи дополнително, бидејќи на тој начин нема да разбере зошто е казнето, кога нештата се смириле и нема да се сеќава што лошо направило.
3. Понудете му алтернативно однесување. На тој начин, му давате можност за избор и напросто само не забранувате. Покажете му дека во него имате доверба. Не се лутите ако детето брзо заборави на она што сте му кажале. Не го казнувајте со љубовта, од типот на оваа реченица: „ако бидеш лошо, нема да те сакам“. Не смее да мисли дека го казнувате затоа што не го сакате.
Ако се одлучите за казна, треба да водите сметка за:
-дали детето нешто лошо направило од незнање и дали тоа му е прв пат;
-да објасни зошто нештото го направило;
-дали тоа однесување навистина е непримерно за негова возраст;
-дали сега е вистинско време за казнување;
-каква казна да одредите;
-дали слични казни кои претходно сте ги примениле, биле ефикасни;
-колку долго казната треба да трае;
Важно е, на детето да му се постават граници на однесување. Тие треба да бидат јасни, конкретни и добро дефинирани. Треба јасно да му кажете што од него сакате, кои опции се на располагање и што е позитивен ефект од неговото учествување. На пример: „ќе излеземе на прошетка, кога ќе си ги собереш играчките“.
Поврзани блог статии