Негативните базични убедувања и самодовербата


Зошто денес себеси се гледате негативно, ако вашите негативни искуства врз основа на кои создавате негативна слика за себе, ви се случиле многу одамна, во детството? Денес, вашата самодоверба е ниска и се прашувате зошто е така, иако како возрасна личност сте имале позитивни искуства?

Причината за вашата денешна ниска самодоверба, иако околностите во однос на минатото се промениле е постоењето на негативни базични убедувања. Тоа се заклучоци за вас самите, до кои сте дошле во периодот на детството и адолесценцијата, најверојатно врз основа на негативните искуства кои сте ги имале. На пример, ако како дете сте биле критикувани и казнувани, ќе дојдете до заклучок, односно убедување: „јас сум бескорисен“ или „јас сум лош“. Овие мисли се тие негативни базични убедувања.

За дете, или млада личност, овие убедувања имаат смисол во моментот кога таквите искуства им се случуваат, затоа што не се во можност на поинаков начин да објаснат, зошто тоа им се случува. Ваквите убедувања се длабоко всадени, тешко променливи и во вашиот ум цврсто вкоренети. Тоа се проценки на вас самите, колку како личност вредите. Овие убедувања ви говорат: „ каква личност ваква сум “, или „јас не сум битен“, „не сум прифатен“, „ за ништо не сум“, „јас сум лоша личност “.....Кога во овие негативни искази за вас самите цврсто верувате, не изненадува дека ќе се почувствувате многу лошо и дека ќе доживеете негативни емоции.

За да ги преживеете овие негативни искуства и останете функционални, сте создале правила, претпоставки како својот живот да го живеете и да ја заштитите својата самодоверба. Нивната цел била заштита и одбрана од „вистината“, која потекнува од вашите негативни убедувања. Можеби на тој начин сте создале правила како што се: „морам во сè да бидам најдобар“, „не смеам да правам грешки “ и слично.

Или, пак сте создале претпоставки како што се: „ако нешто побарам ќе бидам одбиен“, „независно што и да работам, ништо нема да биде доволно добро“ и слично. Правилата и претпоставките може и да се комбинираат: „секогаш морам да бидат витка, инаку нема да бидам прифатена“ и слично.

Резултат на поседување на овие правила и претпоставки е дека тие раководат со вашето однесување, односно го живеете своето секојдневие врз основа на правилата кои сами сте си ги наметнале. На пример, ќе се обидете сѐ да работите перфекно, избегнувајќи со другите да бидете премногу блиски или ќе одбегнувате да работите работи кои порано не сте ги работеле, или затоа што се ризични и слично.

Доколку го имате ова убедување: „не смеам никогаш да направам грешка“, ќе почнете да се однесувате со голема доза на внимателност и совесност, вашата работа по неколку пати ќе ја проверувате да не сте направиле некаква грешка...Ова значи дека помалку ќе бидете критикувани и вашата самодоверба ќе остане заштитена. Сè додека успевате да не правите грешки, на пријателите, колегите, шефот, да им бидете на располагање и сè додека  на работа постигнувате високи резултати, ќе имате адекватна самодоверба. Но, сето ова ја има и својата друга страна, обратната. Секогаш итајќи, се запоставувате себе си и било какви уживања.

И иако се изгледа како е добро, базичните негативни убедувања и понатака се присутни, затоа што тие не се отстранети, туку се само потиснати.

Поврзани блог статии