Да се биде одговорен за сопствениот живот значи:
1. Да не се обвинуваат другите за тоа што сте денес, за тоа што го работите, го имате и го чувствувате. Кога другите ги третирате како одговорни, само им давате моќ и препуштени сте на нивната милост или немилост.
2. Себе си да не се обвинувате. За да го постигнете ова, треба да прифатите дека во даден конкретен момент сте работеле онака како што најдобро сте знаеле и умееле.
3. Да станете свесни за тоа каде и кога не сте презеле одговорност за сопствениот живот, за да можете тоа и да го смените.
4. Да воспоставите контрола врз вашиот внатрешен глас, кој постојано ви кажува како нема да успеете, како сѐ ќе тргне наопаку, дека ќе пропаднете.
5. Да откриете што сакате во животот и да работите на неговото остварувањe.
6. И, најважно од сѐ , да станете свесни дека и во која ситуација да се најдете, пред вас, има цело богаство на избори.
Ако не го правите ова, ќе значи дека пасивно го прифаќате сето она што го носи животот. Знаци кои укажуваат дека во некој период не сте биле одговорни за својот живот се: бес, обвинување, самосожалување, опсесивност, зависност, љубомора, критичност, разочараност итн.
Доколку се соочувате со вакви негативни емоции и продолжувате и понатака кон својот живот да се однесувате неодговорно, ќе мора да се соочите со следниве последици:
-зависни сте од другите кога треба да донесете одлука или кога сте во некоја ризична ситуација, чувствувате нагласен страв;
-во своите животни потфати сте неуспешни, како што сте неуспешни и во личните односи;
-неспособни сте на другите да им верувате и во нивно друштво да се чувствувате сигурно;
-како последица може да се појави зависност од разни супстанци: алкохол, дрога, пушење, храна или однесување како коцкање, работхоличар и слично;
Ако се прашувате, зошто некои луѓе прифаќаат за сопствениот живот да бидат одговорни, а други не, причини има повеќе, но овде ќе се спомнат овие три најважни:
1. Секундарна добивка. 2.Комфорна зона и 3.Локус на контрола. Еве како истите тие делуваат:
1. Секундарна добивака е збир на сите причини заради кои останувате во ситуации во кои се чувствувате несреќни, незадоволни и која често ве прави да бидете жртва и ве прави пасивни. Генералната добивка од ова е што останувате во ситуацијата во која сте и не мора да се соочувате со вашите стравови и не мора врз себе да преземате одговорност. Иако останувањето во улога на жртва е болно, тоа истовремено е и познато и лесно. А, познато е дека стравот од ново и непознато е најголема пречка во личната промена, било таа да се случува спонтано, било во рамките на некој едукативен или психотерапевски процес.
2 .Комфорна зона е просторот во кој функционирате и во кој се чувствувате пријатно. Ако тој простор го пречекорите, почнувате да се чувствувате декомфорно, што често е проследено со страв. Но, вашата самодоверба нема да расте доколку вашата комфорна зона постојано не ја проширувате. А, за ова да може да го направите, треба да превземате ризици.
3. Локус на контрола на конкретната личност, е степен до кој личноста верува дека може да ја контролира својата судбина. Така, некои веруваат дека сѐ што во животот им се случува е резултат на нивните активности и дека тие самите си го контролираат својот живот. Тие имаат внатрешен локус на контрола. Други, пак веруваат дека контролата врз нивните животи е надвор од нив и објаснувања наоѓаат во судбина, среќа, околности, други луѓе, па дури и случајности. Кога самите на себе ќе си кажете дека не постои ниедна ситуација во која би се нашле и која целосно ќе биде надвор од вашата контрола, т.е. дека секогаш постои барем нешто кое може да го направите за да ви биде подобро, отколку ништо да не направите, ќе сфатите како сте направиле крупен чекор, не само кон внатрешниот локус на контрола, туку и во однос на успешноста во сѐ што работите. Внатрешниот локус на контрола ви дава сила напред да се движите и кога другите стојат, да се обидете во тоа што другите не се обиделе и да не им се препуштате ниту на судбината, ниту на другите луѓе.