Има луѓе кои имаат такви лични особини што ги наведуваат кон зависнички врски. Особините на партнерите кои се во зависни врски се надополнуваат, така што тие со својот заеднички однос ја поткрепуваат заедничката зависност.
Личноста која зависи од партнерот и од него очекува низ животот да ја води е несигурна личност, која стравува од самотија. Покажува тенденција толку силно да се врзе за партнерот така што се чувствува целосно изгубено дури и при самата помисла да остане без него. Во врската, таквата личност се стопува со својот партнер и целосно го губи својот идентитет. Ако биде оставена, запаѓа во депресија, очајност и безнадежност.
Личноста пак која неа ја води, исто така е зависна личност. Таа е зависна од помагање на другите, зависна е од својата улога на жртва. Таквите личности најчесто се „лепат“ за оние кои имаат емотивни, семејни или било кој друг тип на проблеми. Се ,,лепат“ за лица, на кои им е потребна помош, затоа што имаат преголема потреба да се чувствуваат важни.Често го трошат своето време,енергија, пари во спасување на партнерот, независно за каков тип на спасување се работи. И тие, исто така стравуваат од осаменост и животот им изгледа бесмислено, кога немаат на кого да помагаат. Ако ваквата личност биде оставена, таа исто така се чувствува празно, како и другиот зависен тип.
Ова е главната причина заради која парнерите со вакви комплементарни особини, воглавно долго а често и засекогаш остануваат заедно. Тие, создаваат свој свет на непрекинато барање од страна на едниот партнер и непрекинато давање од страна на другиот партнер. Тие, љубовта ја доживуваат на ваков начин и мислат дека нивната љубов е многу поинтимна од љубовта на партнерите, кои нефункционираат на ваков начин. Во основа, нивната љубов е зависна. Во ваквата љубов, партнерите ја загубиле својата индивидуалност, својата посебност. За нив, прекинувањето на врската, бракот е рамно на „крај на светот“, после кој нема живот. Сѐ што им треба, наоѓаат во партнерот, па често ги губат контактите со преостанатиот свет.
Здравата врска, кон која треба да се стремите подразбира со партнерот да сте едно, но сепак да сте посебни, со свои интересирања. Да се занимавате со работи, кои заеднички ве интересираат, но да имате и свои пријатели и да не го губите контактот со тоа што порано ве исполнувало. Да излегувате заедно, понекогаш и одвоено.
Во здрава врска, партнерите еден на друг си се подршка и уживање, но сепак тоа да не значи дека сите интересни работи ги прават заедно. И списокот на нештата, која врската не ја прават зависна, туку здрава е подолг.