Опсесивна љубов


Анксиозност, љубомора, чувство на зависност, неизвесност, очајност, психолошка болка која прераснува во физичка - сето ова  се елементи  на опсесивна љубов, љубов која создава чувство на тескобност, мрачност, неспокојство. Во опсесивната љубов чувствата се измешани, тешки, а над сите нив доминира анксиозност. Тоа е онаа сензација: „ме сака - не ме сака“, која ве оптеретува и ве држи во некоја слатка неизвесност, а која кога ќе ги мине границите, станува неподнослива за двете страни во односот. 

Кога говориме за опсесивност во љубовта, не се мисли на онаа опсесивност која се чувствува на почетокот на љубовната врска, на онаа убава желба секој дел од вашето време да сакате да го споделувате со саканиот. Говориме за опсесивност која значи - ако ме оставиш јас веќе не постојам, за мене тоа е крај на животот, губење на секој смисол, губење на желбата да се оди понатака. Варирањето во емоциите, неизвесноста и несигурноста полека го „јадат“ сето она што до вчера ве држело заедно и вашиот однос го претворува во зависност, во изнудување, во излудување.

Во опсесивната љубов сѐ е болно. Во неа, целосно сте преплавени со размислувања и чувства за вистинскиот или посакуваниот партнер, со нескротлива потреба да го поседувате или да ве поседува, која никогаш не забавува. Секое одбивање, физичката или емотивната недостапност водат во самодеструктивно однесување.

Што ве води во опсесивна љубов? Вишокот на слободно време, досада, чувство на ранливост, недостаток на самодоверба, неможност да се оствари чувството на припадност. Тука се и специфичните чувства од детството, како што е длабокото чувство на безвредност, но и чувство дека сте поинакви, дека се разликувате од својата околина. На крај, во опсесивна љубов ве води и нееднаквоста меѓу партнерите, како на пример кога партнерот е недостапен затоа што е премлад или престар или е во врска или далеку, недостапен.

Низ кои фази минува опсесивната љубов? Постојат следниве 4 фази:
 
1. Тоа е фаза на привлекување, кога брзате да стапите во врска, често базирајќи ја комплетната перцепција на физичкиот изглед на партнерот, занемарувајќи го неговиот карактер, личните приоритети, потреби, желби... Емоциите се опишуваат како бесконечни, волшебни, поинакви од сето останато.
 
2. Оваа фаза често знае да биде преодна и во неа партнерите склони кон опсесивна љубов за себе создаваат илузија на интимност, независно од чувствата на партнерот. Набрзо, се јавуваат и неосновани обвинувања за неверство, страв од напуштање, љубомора, непријатност.

3. Во оваа фаза доаѓа до ескалација на сите ранливи чувства и дополнителен притисок на партнерот, кој најчесто се повлекува, предизвикувајќи така зголемен степен на анксиозност кај личноста која опсесивно се врзала.

4. Ова е најопасна фаза. Се завршува или се окончува врската со заминување на партнерот или со ескалација на агресивно однесување на опсесивната личност, која веќе е во депресија, страв, љубомора. Доаѓа и промена на обвинувањето за распаѓато на врската, бесот и омразата - од самиот себе се насочуваат кон партнерот кој ја напуштил врската. Не така ретко, опсесивната личност не сака да се соочи со прекинувањето на врската, па ветува промени, се обидува партнерот да го врати. Се јавуваат суицидални идеи и агресивни мисли кои без психолошка помош, може да станат и реални.

Поврзани блог статии