Претерана потреба за љубов


Претераната потреба за љубов, го сокрива чувството на сопствена безвредност, кое се наоѓа во позадина. Кога сте уверени дека љубовта ви е неопходна, тогаш мислите како без неа би се чувствувале бедно, како не би можеле себе да се заштитите, што следствено значи дека мора да ја обезбедите љубовта и грижата на другите.

Како цел си поставувате дека мора да бидете сакани. Верувате дека самите со својот живот не можете да управувате. Од партнерот ќе станувате сѐ позависни, ќе се чувствувате под притисок и безпомошни. Кога сте убедени дека љубовта ви е потребна, ќе се грижите за тоа колку многу партнерот ќе ве сака. Ако љубовта секогаш ви е потребна, ќе морате секогаш да се однесувате како некој кој може да се сака. Kој може ваквото барање да го задоволи? Дури и кога покажувате особини кои се вредни за љубов, невозможно е тие постојано да ги покажувате. Убедени дека од партнерот мора да бидете сакани, ќе се однесувате на начини кои нему му се бендисуваат. Така, на еден постепен начин, ќе се загубите самите себе. Мислите дека без љубов не вредите ништо.

Престанете да ја биете битката за добивање неприкосновена љубов од оние од кои тоа го сакате. Потребно е себеси да се прифатите, да ги откриете своите желби и цели. Опсесивната трка за стекнување љубов, во својата основа има потреба за докажување на сопствената вредност. Мислите дека вредите, онолку колку љубов од другите добивате. Чувството на лична невредност, не ви дозволува од ваквата трка да се откажете. Постојано сте во игра на самодокажување и тоа го правите низ количината на љубовта која од другите ја добивате, што секако не ви е доволно. Опсесивната потрага по љубов, произлегува од убедувањето дека таа ви е неопходна. Ова ве  води во несигурно и наметливо однесување кон другите, така да на тој начин ја губите нивната љубов или почитување, а и самите себe си се саботираате.

За да излезете од овој круг, треба да се самоприфатите. Важно е, себе си да се прифатите заради тоа што сте, а не заради тоа што другите за вас го мислат или заради вниманието кое ви го даваат или не ви го даваат. За ова да го постигнете, важно е да се окупирате и заинтересирате за луѓе, работи, идеи надвор од себе. Кога ќе се откажете од својата претерена потреба за љубов, тоа не значи дека сте се откажале и од љубовта. Желбата за љубов останува. 

Многумина мислат дека ако немаат претерана потреба за љубов, ни љубовта која ја чувствуваат нема вредност. Но, тоа не е вистина. Вие, може да уживате во близок однос со партнерот, без убедување дека од тоа ви зависи животот. Кога ќе се ослободите од барањето за добивање љубов, поквалитетно ќе сакате, појасно ќе ги видите привлечните особини на другите, ќе престанете да ги мразите ако веднаш не ви удоволат. Ќе согледате што во односот навистина ви се бендисува, слободно ќе експериментирате со љубовта, затоа што сте сфатиле дека ако ја загубите саканата личност, себе никогаш нема да се изгубите.

Треба да сфатите дека љубовта е нешто што се посакува, но не е неопходна. Со претераното инсистирање на љубов во смисла постојано да ви биде покажувана и докажувана, партнерот од себе го оддалечувате. 

Поврзани блог статии