Луѓето кога стравуваат со некого да станат блиски, во основа не стравуваат од блискоста, туку од тоа што во блискоста би можело да се случи. Главниот страв се состои од тоа дека, доколку на другиот му биде дозволено премногу да се приближи, ќе согледа дека партнерот во стварноста не вреди, дека ги нема оние вредности со кои се претставил и не заслужува да биде сакан. Оттаму, стравот од блискост е страв од отфрлање и болката на оставеност. Станува збор за личности кои себеси не се прифатиле, кои и како возрасни мислат дека не се доволно убави, паметни, способни, успешни, за да заслужат да бидат сакани.
.
Така, многумина се стремат да имаат љубовни врски, но да ја отфрлат блискоста. Како и да е, стравот од отфлање е состојба на умот која на личноста и оневозможува било што да работи или говори. Личноста станува зависна од туѓото одобрување и признание. Своите чувства ги потиснува и постојано се грижи за туѓите реакции на нив. Така, самата себе си се блокира, како што ја блокира и својата иновативност, продуктивност. На овој начин, личноста е спречена самата себе си да се доживее како автентична личност.
Огромната желба личноста од другите да биде прифатена, ја доведува во состојба на губење на сопствениот идентитет. За да биде прифатена од другите, односно да не биде отфрлена, таа личност почнува другите да ги имитира како говорат, мислат, се однесуваат, облекуваат и слично.
Краен степен на стравот од отфрлање е кога тој ќе стане движечка сила во сите акции од животот на личноста. Стравот и го диктира и управува со изборот на нејзината кариера, однесувањето на работа, различните достигнувања, меѓусебните односи, односите со семејството, социјалниот живот, дури и на начините како го минува своето слободно време. Личноста мислењето за самата за себе, го формира од туѓото мислење. Своето самоостварување во целост го ставила во туѓи раце.
Како овој тип на страв да го препознаете? По тоа што личноста на другите не им покажува што мисли, особено ако мисли поинаку. И недостасува храброст од другите да биде поинаква и практикува пасивно-агресивно однесување. Изгледа како да нема контакт со својата вистинска природа, со другите „игра игри“ и носи дебела маска. Толку многу е преокупирана со тоа да се однесува во согласност со „пропишаните“ начини на однесување, што станува строга, нефлексибилна, нетолерантна и целосно затворена со поинаквите начини на однесување.
Крајност на сето ова е неискреност кон себе и живеење во лага. Со своето однесување, предизвикано од стравот од отфрлање, личноста не само што не постигнува да биде прифатена и одобрена, туку го постигнува токму спротивното. Другите го чувствуваат тој страв, очајничката желба за прифаќање и лажноста по која фукционира, па кон неа се однесуваат на различни начини и во различни степени: од благо давање на сознание како личноста треба да го смени својот животен стил и кон себе да постане искрена, па преку препознавање на нејзината лажност и тешкотија да и се верува, преку целосно отфрлање на нејзиното однесување и станување нервозен во нејзина близина, како и преку носење заклучок, како со неа неможе да се има нормална конверзација, па сè до одбегнување кое изгледа како постојано отфрлање.
Стравот од отфлање, често е насочен кон одредени луѓе. Колку личноста на нив им дава поголемо значење, толку стравот ќе се зголемува. Колку повеќе на личноста другиот и е „посебен“, толку повеќе ќе сака од него да биде прифатена, а со тоа и тескобноста ќе и расте. Таа слика за другиот, воглавно е нереална и со неа се врзуваат нереални очекувања. На тој начин, емотивноста на личноста станува турбулентна, зависна од најмалиот знак на успех или неуспех во односот со другата личност, зависна од знаците на неговото одобрување или неодобрување.
Зошто настанува ваквиот страв? Личноста на која и недостасува самоприфаќање, затоа што во детството од своите родители не била вистински прифатена е подложна на овој вид на страв. Но и ако имала трауматично искуство на отфрлање, заплетеност во ирационално размислување и перцепирање, во детството недостаток на соодветни примери, недостаток на самодоверба и несигурност во врска со сопствениот идентитет, недостаток на социјални вештини на прилагодување на групата, непознавање на здрави начини на соочување со конфликти и несогласувања, некој кој постојано и говори како „ не е вредна или дека е поинаква“.
Поврзани блог статии