Вашето дете и неговото неприфатливо однесување


Дали понекогаш ви се случило на детето да му подвикнете во стил: „не смееш со мене така да разговараш...не смееш така да се однесуваш!“, а потоа да се запрашате како е возможно такво нешто, па тоа е толку мало дете? И почнувате со неконтролирано размислување каде сте погрешиле и што уште ве очекува?

Како родители, неопходно е да се ,,наоружате со трпение “ и на детето јасно да му ставите до знаење, дека не смее така да се однесува и да говори на погрден начин.Уште првиот пат кога тоа ќе се случи, јасно кажете му: „со мене не смееш така да разговараш!“ Потрудете се, детето да разбере дека однесувањето кое го покажува е непочитување на возрасните, вклучувајќи ги и родителите, дека таквото однесување означува невоспитаност и дека тоа другите ги повредува. Обидете се на детето да му објасните дека кога така ви се обраќа, се чувствувате тажно, разочарано.

Бидете без приговорно истрајни во тоа да ве почитува. На овој начин, уште во најрана возраст ги поставувате границите на тоа што е прифатливо и неприфатливо. Кога ситуацијата ќе се повтори, а бидете сигурни дека ќе се повтори, на детето кажете му дека за такво однесување постојат последици и јасно објаснете му какви се тие. Кога следниот пат детето ќе почне да поставува услови, ќе почне  да вика и сешто да бара, за да ве послуша мора да ги примените вашите „мерки“ и јасно да објасните зошто одредено однесување е неприфатливо. Најлошата работа која можете да ја направите е да попуштите или за неговата непристојност да најдете изговор.

Родителите често пронаоѓаат различни оправдувања од типот: „уморно е, не е наспано“ и слично. Оправдањето е голема грешка, затоа што никој друг во неговиот живот, освен вие, нема да го оправда неговото однесување со било какви изговори. На овој начин, детето го лишувате од можноста да вежба и да научи самоконтрола. Токму заради тоа, со него мора да бидете одлучни, особено додека сеуште е мало и да му укажете кое однесување е прифатливо, а кое не е. Вашата најдобра одбрана е да не дозволите детето со своето погрдно однесување, да го добие тоа што го бара.

Децата многу рано учат дека негативното внимание (карањето на родителите) е подобро од тоа воопшто да не добијат никаво внимание. Ако забележите, дека вашето дете во последно време особено настапува со многу барања - обидете се да согледате, зошто се чувствува запоставено. Во тој случај, обидете се да не го милувате и да не му посветувате внимание, туку направете го тоа кога се однесува на начин, кој од него го барате. Така, детето ќе научи, дека за него е многу повеќе продуктивно да се однесува на начин кој од него се очекува и притоа возрасните да ги почитува, отколку да го прави спротивното.

Обрнете внимание и на тоа како вие сами дома едни кон други се однесувате и каков е вашиот вокабулар. Истото важи и за лица кои се во непосреден контакт со вашето дете. Тоа, особено кога е мало ги повторува зборовите кои ги слушнало, а притоа не го разбира нивното значење.

Значи, иако детето понекогаш нешто ќе направи или каже што „ве излудува“, сетете се дека вашите најважни задачи се јасно поставите граници, да воспоставите исто така јасна граница помеѓу прифатливото и неприфатливото однесување и никогаш да не го наградите однесувањето кое не сакате повторно да го видите.

Поврзани блог статии