Вашето дете и неговите стравови



Доколку забележите дека вашето дете е преплашено, немојте заради тоа да го исмејувате, да го засрамувате или да го терате по секоја цена да се однесува храбро. Тоа се труди да биде храбро и да го контролира својот страв. Кога е преплашено, го гледа вашето лице ( доколку вие сте во негово близина), или друга личност која е во близина, за да на лицето на возрасниот успее да провери дали тоа што го доживеало навистина е опасно или не е.

Не го етикетирајте именувајќи како страшливо. Наместо тоа, може да кажете дека вашето дете е внимателно и наведете во кои ситуации така се однесува. Доколку детето не ги надрасне своите стравови, може да се појави анксиозност. Станува несигурно, зависно и нема самодоверба. Бара потврда за сè што работи. Ги одбива задачите за кои мисли дека нема да може да ги исполни заради стравот од неуспех и незадоволно е со тоа што го сработило. Станува неактивно, пасивно. Станува препознатливо по изразената послушност и покорност. Кога ќе стане анксиозно и неговото тело на неа ќе реагира. Дланките му се потат, се јавуваат ноќни кошмари и енуреза (неконтролирано мокрење во себе). Го смирува цицањето на прстот, грицкањето нокти, разни тикови и ритуали. Важно е да се нагласи дека детето самото по себе не станало анксиозно.

Бројните родителски пораки од раѓањето до поаѓањето во училиште, многу моќно го формираат како самото искуство на детето, така и неговата слика за самото себе и за светот околу. 

Што се однесува до генерализираниот страв, тој не е резултат на потешкотиите на детето во надраснувањето на обичните детски стравови, туку се развива после тешки трауматични доживувања ( пожар, сериозни семејни недоразбирања, сообраќајни несреќи). Сѐ  што детето ќе го потсети на трауматското доживување ( мирис на чад, зголемен тон, плачење и сл.), може да предизвика силен страв.

Возрасните умеат, тоа што преставува вообичаен страв за детска возраст, да го именуваат како фобија. Но, секој страв не е фобија. Фобијата не мора секогаш да има јасна причина за нејзиното појавување. Кога е во прашање дете, таа може да преставува метафора за неговиот страв, кој детето долго време не успеало јасно да го именува или искаже. На пример, кај фобијата од пајаци, некој психотерапевт може да постави прашање околу потребата за контрола која ја има на пример мајката на детето, па детето чувствува како „ некој околу него како да плете мрежа од која, тоа со сопствени сили не може да излезе....“

Независно дали станува збор за анксиозност или стравови кои се јавуваат во различни форми, ве советуваме да побарате стручна психолошка помош.

Поврзани блог статии