​Како се однесувате кон грешките кои ги правите?


Многумина се вртат наназад и жалат за направените грешки.  Ваквото размислување е погрешно и од  него немате никаква корист. Зошто сте грешеле? Затоа што сте се обидувале нешто да направите. Доколку не сте се обидувале немало да грешите, но така ќе стоите во место и нема да напредувате. Отфрлете ја суетата и почнете да ги анализирате сопствените грешки, за да може да откриете што би можеле да направите во следните обиди за да биде поинаку. Потоа размислете и за тоа дали кога во вашиот живот работите ќе тргнат надолу, го прифаќате животот таков како е?

Дали ги прифаќате сите ваши порази исто како и победите? Или кога нештата ќе испаднат неповолни, веднаш барате виновник? Ако мислите дека со тоа што сте нашле дека некој е виновен за вашите неуспеси, сега може да се чувствувате сигурни, грешите. Ова чувство на сигурност, е лажно исто како што е лажно вашето убедување дека со тоа што некој сте го прогласиле за виновен, ќе можете својот живот спокојно да си го живеете. Шемава - го препознавате проблемот кој го имате, го прогласувате виновникот со што се смирувате, (но сè до појава на следниот проблем), па ја практикуваат многумина во нивното секојдневие. За многумина наоѓање на виновникот само им е појдовна основа за развивање на омраза кон него (независно дали е или не е виновен). Добро е да покажете бес кога го чувствувате, но треба да знаете каде треба да застанете. Обвинувањата, бесот и омразата кои ги адресирате спрема виновникот, вам ви ги трујат и душата и телото, зошто вие ги имате тие чувства. Добро е, секако кога би сакале и можеле да разберете дека и оној кого го мразите и го обвинувате за вашите животни грешки, е човечко битие со сопствени ментални ограничувања, кое во дадениот момент реагирало како што најдобро знаело. За тој човек не мора да размислувате ниту позитивно, ниту да го сакате. 

Престанете своите лични грешки да ги адресирате на погрешни адреси. Вистинската адреса за вашите направени грешки сте токму вие самите. Но, не за да се самообвините, туку од нив да научите за да не ги повторувате. Добро е и себеси да си простите.