-
13.04.2016
-
Деца и родители
Како детето ќе го разбере разводот на своите родители, зависи од неговата возраст. Бебето нема да го разбере, но ќе ја забележи промената во родителското однесување кон него. На тоа, ќе реагира со промена на обрасците на хранење или спиење. Може да има проблеми со столицата во вид на проливи, или затвор, или почесто ја враќа храната, да биде раздразливо, да изгледаат исплашено.
Дете од возраст на „трчкало“, разбира дека еден од родителите повеќе не живее во домот, но не сфаќаат зошто. Може да реагира со: често плачење и поголемо барање на вашата близина. Проблеми со спиење и тоалетни навики. Однесување „како бебе“, па да бара вие да го храните. Може често да се чувствува луто, или фрустрирано, а не може да ги објсни своите чувства. Лутината може да ја изманифестира низ напади на бес, удирање, иритабилност, спротиставување, или повлекување. Станува исплашено кога ќе излезете од неговиот видеокруг.
Дете од предучилишна возраст. Сеуште не сфаќа што разводот значи, но знае дека неговите родители се лути и нервозни. Реагира така што го чувствува губитокот и тажно е. Често фантазира –пријатно од типот „тато ќе се врати“и - застрашувачки од типот: „ме прогонува чудовиште“. Се прашува, што ќе биде со него и стравува дека отсутниот родител ќе го напушти. Се чувствува одговорно, затоа што највероватно кога било казнето, посакало еден од родителите да замине, што и се остварило. Може да верува дека неговата желба е причина за разводот.Често станува многу луто и тоа го покажува така што го напаѓа родителот кој го обвинува. Или се повлекува во себе и станува депресивно.
Дете од училишна возраст, почнува да разбира што разводот значи. Верува дека неговите родители не се сакаат и знае дека веќе нема да живеат заедно. Реагира така што се чувствува изневерено, со акутно чувство на губиток на родителот кој се отселил. Обично се надева дека родителите повторно ќе се зближат. Понекогаш се чувствува отфрлено од страна на отсутниот родител. Може да стане депресивно, со промени во навиките на хранење и спиење. Да го загубат интересот за животот, да има послаба концентрација, здравствени проблеми, да плаче, се повлекува во себе и се чувствува безпомошно. Може да се плаши дека другиот родител нема на време да го земе од училиште.
Дете во пубертет и адолсцент. Разводот го разбира, но одбива да го прифати. Реагира со лутина, се чувствува изневерено и отфрлено. Може да загуби доверба во врските воопшто, да го загуби самопочитувањето и да се грижи дали е сакано. Ја осудува одлуката на родителите да се разведат. Се чувствува многу засрамено и да го попречува новото партнерство на неговите родители. Може да почне да манифестира ризично однесување и бунт во форма на употреба на дрога, влегување во незаштитени сексуални односи. Депресивно е, може да има и обиди за самоубиство.
На вашето дете му е потребна стручна психолошка помош.