Како да престанете постојано да се грижите за истите проблеми?

Ако сте личност која постојано води грижа за ист проблем, тогаш тоа може да значи следново:

1. Проблемот реално да постои, а да немате решение за истиот;

2. Да водите грижа околу непостоечки проблем;

Првото прашање кое треба себеси да си го поставите е: ,,Дали ова што јас го сметам како проблем постои во реалноста или тоа е само во мојата глава“? Ако проблемот постои, тогаш потребно е да се бара решение. Многу луѓе поминуваат многу време барајќи ги причините за проблемот, а притоа не прават многу или не прават ништо да најдат решение за проблемот.


Зошто не треба премногу да трошите време на откривање и разбирање на причините за проблемот?

1. Бидејќи во голем број случаи не постои, или постои само една причина, отколку повеќе причини кои заедно довеле до еден проблем.

2. Бидејќи барањето причини за настанување на проблемот, во најголем број случаеви не е решение за проблемот.

3. Бидејќи ако премногу размислувате за причините, нема да размислувате доволно за решението на проблемот.

Ако имате некој реален проблем со кој се соочувате, немојте премногу време и енергија да трошите во барањето на причините и разбирање на самиот проблем. Потребно е сета своја енергија да ја инвестирате во барањето решение. Секој проблем има некое решение, можеби секогаш тоа решение не е онакво какво што ние сакаме и очекуваме да биде, но тоа сепак постои. 


Што е основата на секој психолошки проблем?

Во основата на секој проблем е внатрепниот конфликт. Конфликтот помеѓу тоа што личноста го сака и она што реланоста и го нуди. Проблемот постои кога личноста перцепира дека тоа што го има во реалноста, не е тоа што она го сака. Како се решаваат ваквите конфликти? Постојат неколку можни решенија:

1. Пронаоѓање алтернативни начини за да се задоволи желбата.

2. Промена на околностите во кои до сега не било возможно да се задоволи желбата.

3. Откажување од желбата – прифаќање на фактот дека желбата нема да се оствари, како и да се има толеранција за сето тоа.

4. Промена на перцепцијата за околностите кои личноста ги перцепира како неповолни.

5. Се случува она што личноста го сака да не е автентично, искрено, туку личноста да сака нешто друго, а тоа да пробува да го добие на посреден начин, па дури и на потполно несоодветен начин.


А што доколку личноста се грижи околу непостоечки проблем?

Анксиозноста прави личноста во својата глава да создаде проблеми, кои во реалноста не постојат. Личноста е во состојба да се грижи со денови за непостоечки проблеми, бидејќи во нивната основа лежи анксиозноста. Непостоечкиот проблем, сепак има своја функија зошто постои. Личноста создава непостоечки проблем, за да може да го оттргне вниманието од постоечките проблеми. Ако имате непостоечки проблем од кој многу се грижите, запрашајте се себеси следново: ,,Од што се обидувам да побегнам? На кое чувство му се спротистваувам? Кој е мојот вистински проблем од кој бегам“? Наместо да бегате од стравовите и страшните мисли, научите како со нив да се соочите и да ги пуштите да си одат. Научите како вие да управувате со својот ум, а не тој со вас.