Секоја личност, ситуација или фактор кој свесно или несвесно ве поддржува да останете во условите во кои се наоѓате во моментот, негативно ќе влијае на овој вид на мотивација. Во литературата е познат поимот: ,,секундарна добивка“ , кој упатува на тоа дека, доколку постои отпор кон промената и решавањето на проблемите, можно е да се работи за тоа, од проблемот кој го имате да извлекувате некаква корист од него. Иако ова можеби звучи парадоксално, проблемите како што се анксиозноста, депресијата и други, може на некој начин да се исплатуваат на одредено ниво, секако на несвесно. Бидејќи ако упорно не го решавате проблемот кој го имате, можете да се запрашате: ,,Каква е мојата добивка, ако останам во ваква состојба?“
1. Можно е да постои убедување дека вие, НЕ ЗАСЛУЖУВАТЕ да го надминете проблемот и да водите еден нормален живот – дека сте безвредни како би можеле да бидете среќни. Кога самоказнувањето е секундарна добвика, тогаш се казнувате себеси, за да на тој начин му вратите на некој друг – на пример на родителите ако не се однесувале праведно кон вас. Самоказнувањето може да се појави и затоа што се чувствувате виновни заради состојбата во која што се наоѓате – виновни сте бидејќи имате проблем и не треба заради тоа да патите.
2. Многу често се јавува и убедувањето:,,Морам многу да се трудам, за нешто да се промени“. Кога чувствувате страв, секоја промена ве плаши и затоа полесно ви изгледа да се откажете. Исто така, промената подразбира и поголем степен на одговорност и напор кој што треба да се вложи и затоа полесно ви да се откажете. Како можно решение за ваквите ситуации е да се замени убедувањето:, ,,Промената подразбира вложување голем труд“, со позитивна алтернатива:,, Немора веднаш да го решам овој проблем во целост, туку може да превземам мали чекори во правец кон решавањето со некое свое темпо, или:,, Секоја цел може да се постигне ако се раздели на помали целини“.
3. Доколку имате некој проблем, околината обично е фокусирана на вашата мака и на желбата да ви удоволат. Добивката од тоа ,,да се има проблем“, во овој случај подразбира вклучување внимание, грижа, па можеби и финансиска поддршка, од вашите најблиски, затоа што од ваша страна се подразбира непревземањето на било каква зрела одговорност.
4. Може да се случи и обратниот случај. Вашиот партнер или родител да има добивка од вашите проблеми, затоа што со нивната грижа и заштитничкиот став ве контролираат и не ви даваат да отидете од нив. Според тоа, тие се плашат од вашето опоравување, бидејќи тоа би значело дека ќе станете независни и дека ќе ги напуштите. Обично, овде се случува да се најдат личности кои се компатибилни по своите улоги. Едната секогаш е жртва, а другата секогаш е заштитник – и едната и другата ги задоволуваат своите несвесни потреби и извлекуваат секундарни добивки. Ваквата симбиоза, може непречено секогаш да функционира и доколку некогаш се појави потребата за некаква промена, шансите таа да се оствари се многу мали, а последиците незавидни.
Ова се само дел од листата секундарни добивки, кои можете да ги имате од сопствените проблеми. Значи, неможе генерално да се говори, дека доколку немате мотивација за промена, тоа произлегува единствено од тоа што имате некаква корист од проблемите. Но, не е на одмет, да се запрашате себеси:,, Каква добивка имам од тоа што одбегнувам да променам некои работи кај себе“